Заклучоци од настанот предизвици и можности за подобрување на мобилноста во Југозападен плански регион

Би сакале да Ве информираме дека на 12 март во вила св. Софија во Охрид во организација на ИПА 2 механизамот за граѓанските организации се одржа регионална средба со грасрут организации. На средбата се зборуваше за предизвиците и можностите за подобрување на мобилноста во Југозападниот плански регион.

Присутни беа претставници од граѓанскиот сектор од општина Охрид кои ги дискутираа најголемите проблеми на граѓанскиот сектор во регионот. Најгорлив проблем на граѓанскиот сектор во Југозападниот регион се ниските капацитети да земат активно учество во носењето на важни документи, одлуки и стратегии од значење за регионот во кој делуваат. Нивниот број е мал и не располагаат со доволно знаење и капацитети да земат активно учество во овие процеси и да влијаат на носењето политики од значење за регионот.

Масовното иселување на младите од регионот беше посочено како еден од клучните проблеми. Како причини за ова од присутните беше наведено затворањето на многу од производните капацитети во регионот, меѓутоа и вработувањето на нестручна работна сила за помала плата од други региони во туристичкиот сектор во југозападниот регион, наместо обучен и стручен персонал од самиот регион. Поради тоа беше истакната итната потреба од изработка на анализа за влијанието кое го има оваа практика врз масовното иселување на младите од регионот.

Проблемот на ниските капацитети за следење и активно вклучување на граѓанскиот сектор од регионот во процесите и постапките за носење одлуки и документи од клучно значење за регионот, како и учество во јавни расправи за поголеми инфраструктурни проекти е најочигледен и видлив и во процесите на учество на јавноста при планирање на изградбата на автопатот Кичево-Охрид.

Присутните заклучија дека е потребно итно подигнување на капацитетите на граѓанскиот сектор во Југозападниот регион.