Консултација за нацрт-програма за реформа на управувањето со јавните финансии 2018–2021

ИПА 2 Механизмот за граѓанските организации организираше консултативна средба со граѓанското општество и други засегнати страни за Нацрт- програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018-2021 година. На консултацијата која се одржа на 19 октомври 2017 година во просториите на ЕУ Инфо Центарот во Скопје, учествуваа 60-на претставници на невладиниот сектор, бизнис заедницата и високообразовните институции.  Целта на консултацијата беше да се резимираат препораки за подобрување на Програмата, а организаторите најавуваат дека заклучоците од дискусијата ќе бидат споделени со Министерството за финансии и со Делегацијата на Европската унија.

„Со ова консултација, надоместуваме за отсуството на претставници на граѓанските организации во работната група за подготовка на Програмата. Граѓанските организации имаат  значајна екпертиза во оваа област, нашите очекувања се дека добиените препораки ќе бидат земени предвид, и во иднина граѓанските организации ќе бидат директно вклучени во реализација и мониторинг на Програмата“, изјави Александар Николов, извршен директор на Асоцијацијата за развојни иницијативи – Зенит, која е дел од Конзорциумот на ИПА 2 Механизмот за граѓанските организации.

Програмата  за управување со јавните финансии има за цел да го рационализира финансиското работење на јавните институции, како и да го зајакне надзорот и транспарентноста во однос на трошењето на парите на граѓаните. Програмата е взаемен труд и соработка на повеќе национални институции, со поддршка од Делегацијата на ЕУ и експертска помош од СИГМА и има за цел не само да ги идентификува клучните предизвици во областа на управување со јавните финансии, туку и да понуди одржливи решенија за нивно решавање.

javni-finansii„Донесувањето на Програмата е од енормно значење за подобрување на ефикасноста и ефективноста на јавните трошења“, изјави Александар Колекески, проектен менаџер на ИПА 2 Механизмот за граѓанските организации.  „Токму зајакнувањето на системот на јавни финансии, беше долго време во фокусот на интересот на граѓанското општество,  и сметаме дека со оваа консултација успеавме да дестилираме важни мислења и препораки, како тоа да се оствари на најоптимален начин. Граѓанскиот сектор е незаменлив партнер кога се во прашање теми од важен јавен интерес, како оваа“, истакна тој.
Консултацијата се спроведе со поддршка од проектот ИПА 2 Механизам за граѓански организации (IPA2CSO) кој е финансиран од ЕУ, а спроведуван од Евротинк, Еко-свест, Реактор и Асоцијацијата Зенит. ИПА 2 Механизмот за граѓанските организации е граѓанска платформа за дијалог за јавните политики и реформите во сите сектори во кои е насочена претпристапната помош од ЕУ.