ПРЕПОРАКИ ЗА ГРАДЕЊЕ НА СТРУКТУРЕН НАЧИН НА СОРАБОТКА ПОМЕЃУ СОВЕТОТ ЗА СОРАБОТКА СО И РАЗВОЈ НА ГРАЃАНСКИОТ СЕКТОР И ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ

ПРЕПОРАКИ ЗА ГРАДЕЊЕ НА СТРУКТУРЕН НАЧИН НА СОРАБОТКА ПОМЕЃУ СОВЕТОТ ЗА СОРАБОТКА СО И РАЗВОЈ НА ГРАЃАНСКИОТ СЕКТОР И ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ

После долгогодишни предизвици околу основањето на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор (понатаму Советот), во април 2018 година Советот е конституиран со 31 член од кои мнозинството, вклучително и Претседавачот се претставници на граѓанското општество.

Што е она што треба да го прави Советот сега? Треба да делува кон создавање на овозможувачка средина за граѓанското општество преку суштинска соработка помеѓу владините претставници и претставниците на Г.О. Од клучно значење е таа соработка да ги артикулира локалните, регионалните и националните проблеми, преку консултации за вистинските потреби на граѓаните.

Еден од главните предизвици во моментов е како мрежите на консултативни тела и клучни чинители да воспостават дијалог со пошироката јавност и населението.

Потребно е Владата да покаже посветеност Советот да профункционира како советодавно тело за јавните политики на институциите. Советот не е единственото консултативно тело, но треба да се развива како водечко тело на консултациите.

Советот треба да ги адресира клучните предизвици со кои што се соочува општеството во поширока смисла (правосудството, владеењето на право и т.н.), а имајќи ја предвид перспективата за започнување на преговори за членство во ЕУ во текот на оваа година, истиот треба да обезбеди темелна поддршка на преговорите кога истите ќе започнат.

Во однос на функционирањето на Советот, иако истиот е конституиран на седница одржана на 16 април 2018 година, се уште не е донесен Деловникот на Советот, а останува да се изберат Претседател и заменик Претседател на Советот.

Делокругот на работа на Советот утврден со Одлуката за формирање на Советот треба да се операционализира во Деловникот, на тој начин што подетално ќе се прецизира како Советот ќе ги остварува своите надлежности. Во одлуката за формирање на Советот, во делот за надлежностите, да се прецизира како секоја од тие надлежности Советот ќе ја извршува, а во Деловникот да се операционализира начинот на извршување на делокругот на работа/ Деловникот треба да прецизира како (на кој начин) ќе  следи односно како (на кој начин) ќе консултира Советот.

Одделението за соработка со невладини организации при Генералниот секретаријат на Владата (ГС) на Република Македонија, да биде претставено со свој член во Советот (согласно препораките на хрватските експерти), а се до промената на Одлуката во тој правец, претставникот на Одделението да учествува во работата на Советот без право на глас.

Деловникот на Советот, во сегашната форма има мошне општи одредби. Потребно е негово допрецизирање во однос на комуникацијата на Г.О. со нивните конституенти, како и комуникацијата на претставниците на Владата со институциите кои имаат именувано свои претставници во Советот.

Во таа смисла, треба да се изнајде начин како претставниците на Г.О. во Советот да разменуваат информации и ставови со сите нивоа на конституенти, вклучително и од најниското ниво на грасрутс организации.

Соодветно, потребно е да се изнајде и начин како претставниците од институциите да ја формализираат соработката внатре во своите институции, за да се обезбеди проток на информации кој овозможува актуелните и суштински прашања да бидат соодветно и навремено комуницирани со донесувачите на одлуки.

Дополнително потребно е преку Деловникот да се утврдат начините како да се пренесат пораките и одлуките на Советот. Притоа, покрај формалните начини на комуникација, постои простор за широка/интензивна примена на дигитални алатки за пренесување и прибирање на информации со конституентите на Советот.

Потребно е начините на консултации да се дорегулираат со деловникот за истиот да овозможи проток на информации од Г.О. кон Владата и обратно.

Деловникот да го опфати и уреди начинот/процесот на одвивање на консултациите, да се утврди  конкретно  комуникацијата која ќе опфати два аспекти на процесот:

  1. Комуникациите меѓу Г.О кои се членки на Советот и Граѓанското општество – да се усвои модел  кој веќе постои или е близок со практиката на Г.О. од страна на претставниците на граѓанскиот сектор, за начинот на артикулирање на ставовите внатре во секторот,  и
  2. Консултации на државните службеници кои се членки на Советот со нивните матични институции – да се прецизира како членовите од Министерствата ќе ги комуницираат ставовите со Министерствата, на пример со доставување на записниците од состаноците.

Притоа, потребно е да се има предвид дека Советот не смее да биде единствената форма на дијалог помеѓу Г.О и институциите.

Во моментот постојат различни консултации во кои можат да учествуваат Г.О. .како што е учеството на Г.О. во повеќето секторски работни групи и мониторинг комитети на Инструментот ИПА.

Од друга страна постојат тела во граѓанскиот сектор (ИПА механизмот, ТАКСО) кои функционираат, а преку размената на информации, дебати и дискусии нудат можности за консултации. Телата постојат, но потребно е нивно ставање во функција на понатамошни продлабочени и квалитетни консултации кои ќе вклучат и поширок број на чинители и ќе воспостават нови врски, како на пример секторски консултации со Советот, интер-министерски консултации, блиски врски на ЛАГ со Советот, изнаоѓање на начини за вклучување на Г.О. во преговорите за членство, опфат на нови сектори во консултациите, како и вклучување на бизнисите и локалните власти.

Потребно е да се адресира предизвикот како членовите ќе ги артикулираат интереси, потреби, проблеми, ставовите и преку Советот ќе ги претставуваат Г.О. во консултациите, а особено малите организации. Од друга страна многу е важно како членовите на институциите ќе ги артикулираат ставовите во министерствата, особено на теми кои не се блиски и се надвор од воспоставената рутина и тековна активност на институциите.

Потребно е да се прецизира кого претставуваат членовите на Советот, на начин што ќе се овозможи репрезентативност и квалитет.

Воспоставувањето на структурните дијалози треба да биде базирано на клучните приоритети на општеството. Дијалогот не треба да биде ограничен само на прашањата кои се однесуваат исклучиво на развојот на Г.О, туку потребно е да се овозможи дебата и можности за размена на ставови за други актуелни општествени прашања. При тоа, размената на информации не треба да се базира на лични и неформални врски, туку потребно е да се изнајдат репрезентативни комуникациски канали и формални начини за консултирање на општествено релевантни прашања. При тоа клучно е консултациите на Советот да не зависат само од волјата на избраните претставници на институциите, односно само од волјата на претставниците на граѓанското општество .

Потребно е да се стават во функција постојните мрежи и платформи на Г.О и соработката со нив да се уреди со Деловникот на Советот. При тоа битно е да се одреди во која фаза се разгледуваат документите за да се овозможи адекватен пристап до информации, доволно време за коментирање, репрезентативност, разноликост на групите, да постои прифаќање на препораките и користење на резултатите од добиените повратни информации од конституентите, за да се овозможи квалитет на механизмите за дијалог и соработка меѓу Г.О. и институциите.