Заклучоци од работна група на Сектор 5: Конкурентност и иновации

Годишна конференција на ИПА2 Mеханизам за граѓански организации, 16- 17 мај 2017 г. , хотел Белви-Метропол, Охрид
1. Маријана Лончар Велкова е избран претставник на Сектор 5 „Конкурентност и иновации“, и за време на својот мандат изработи анализа на конкурентноста на пазарот во Македонија споредбено со состојбите во ЕУ. Изработената студија набрзо ќе биде промовирана. Студијата има бројни заклучоци и препораки, а пред сѐ се осврнува на потрошувачкото право кое иако во овој домен е „запоставено“, има големо влијание врз конкурентноста. Една од најбитните препораки е донесување на нов Закон за заштита на потрошувачите.
2. Втората секторска анализа ја изработува Андријана Богдановска од Центар за управување со знаење, на тема „Анализа на политиката за развој на конкурентоста на приватниот сектор“.
3. Соработката помеѓу граѓанските организации и надлежното Министерство за економија е евидентна, но потребно е да се унапреди соработката и со останатите државни институции кои спроведуваат активностите во различни домени од конкурентноста и иновациите, како што се на пр. Заменик претседателот на Владата за економски прашања, дирекциите, агенциите, инспекторатите и другите тела надлежни да ја спроведуваат оваа полтика. Телата во кои има претставници на повеќе засегнати страни (на пр. Националниот совет за претприемништво и конкурентност и сродните совети, како тој за заштита на потрошувачите) имаат членови кои се поставени на многу високо ниво, и поради тоа нивните средби се ретки или воопшто не функционираат. Имено, службеници на високи позиции не можат да учествуваат во вакви тела бидејќи немаат увид во оперативните работи и состојби, а покрај тоа се зафатени со бројни други активности и задачи.
4. Постојат многу преклопувања во надлежностите во овој Сектор, па честопати не е јасно разграничена надлежностите на секоја од институциите. Министерството за економија е надлежно за политиката за конкурентност и инвации, но со формирањето на новите агенции и дирекции надлежностите се преклопуваат.
5. Општ заклучок е дека во Република Македонија, средствата кои се одвојуваат за проекти во овој Сектор се многу мали. Програмите кои се донесени честопати се само на хартија, или нема значителни средства за нивна реализација. Финансиските средствата кои се одвојуваат за поддршка на компаниите се премногу мали, и потребно е нивно зголемување ¬– особено на финансиските средства наменети за малите и средни бизниси, и помошта за отпочнување мал бизнис. Од друга страна, ЕУ ги намали средствата од ИПА 2 кои беа предвидени за поддршка на овој сектор во Македонија. Со намалување на средствата, нужна е измена и на стратегијата за конкурентност, која нема да може да се реализира во целост.
6. Проект што го води Кабинетот на Заменик претседателот на Владата за економски прашања (www.lrcp.mk), доделува грантови наменети за општините и граѓанските организации наменети за подобрување на инфраструктурата, туризмот, зголемување на вработеноста и општо подобрување на животниот стандард на луѓето во општината преку различни проекти. Грантовите се во износ од 1 милион денари за една општина, 3 милиони денари доколку две општини се јават заедно, 120 000 денари за една граѓанска организација, односно 300 000 денари доколку две граѓански организации се јават заедно. Исто така, постои можност граѓанските организации и општините да се јават заедно на повик, при што се кумулираат сумите што може да ги побараат.
7. Преку овој и други фондови треба да се јакнат капацитетите на граѓанските организации, на компаниите и на институциите.
8. Политиката за поттикнување на странските инвестиции треба да се постави така што ќе создава придобивки за општеството. Моментално не се дава доволно простор за развој на македонските компании и експерти, туку повеќе се форсираат односно, се цени мислењето на странските компании и експерти.
9. Жените-претприемачи се соочуваат со тешкотии при оформувањето и развојот на бизниси. Потребни се посебни програми како да се активира и поддржи оваа целна група. Советот за родови прашања оваа година утврдил дека Програмата на советот за минатата година е во целост неисполнета, а се претпоставува дека и Програмата за следната година ќе биде неисполнета поради тоа што нема средства предвидени за финансирање на овие програми. Членовите на Сектор 5 потенцираа дека е важно да има родово буџетирање, но и се согласија дека коренот на проблемот лежи во образованието.
10. Информациите за секторот не се доволно достапни за јавноста. Сајтот www.konkurentnost.mk беше корисен и полн со податоци, но повеќе не се обновува со нови информации. Потребно е да се преземат активности за постојано ажурирање на оваа веб страна, со цел информациите да бидат попристапни до граѓанските организации кои работат во овој Сектор, бизнис заедницата и организациите за поддршка на бизнисот. Нужно е да се најдат и други начини за зголемување на размената на информации за повици и можности за аплицирање, преку вмрежување на соодветни организации за партнерство, и за помош во изработка на добри проекти.
11. Потребно е создавање на регистар на граѓански организации кои работат во овој домен, со цел да се поврзат со институциите, останатите граѓански здруженија, бизнис заедницата и другите заинтересирани страни јакнење на соработката и искористување на капацитетите за изработка на проекти и преземање проектни активности.