Заклучоци од работна група на Сектор 3 и 4: Животна средина и Транспорт

Годишна конференција на ИПА2 Mеханизам за граѓански организации, 16- 17 мај 2017 г. , хотел Белви-Метропол, Охрид
Присутни беа граѓански организации од општините: Битола, Струга, Скопје, Чашка, Виница, Македонска Каменица, Студеничани, Чешиново-Облешево, Валандово, Охрид, Гевгелија.
Присутните го изнесоа заедничкиот проблем дека за успешно остварување на нивните цели потребна е препознатливост во општеството. Зголемување на јавното присуство, контакт со заедницата се од исклучителна важност. Сепак затајува покривањето на еколошки теми од страна на националните медиуми. Беа дискутирани следните можни решенија за надминување на овој проблем.
  1. Користење на постојната платформа ekosfera.mk од сите организации кои работат на поле животна средина во републиката. Надополнување на листата на новинари (локални) за зголемување на видливоста во јавност. Креирање на група на новинари кои ќе покриваат посебно теми од сектор животна средина. Вклучување на истражувачки новинари.
2. Поблиска соработка со своите конституенти. Како пример беше даден најскорешниот случај од Валандово каде граѓанската иницијатива Спас за Валандово соработува со земјоделците и земјоделските задруги. Преставникот на иницијативата објасни дека целата дискусија започнала на социјалните медиуми и се развило во дискусија помеѓу локалното население, кое меѓу себе се познава.
3. Лобирање кај општинските советници
4. Собирање на различни афектирани групи и нивно организирање
5. Искористување на моментум (слични важни случувања во земјата, клучни настани пр. избори)
6. Медиумски настапи и допирање до населението
  • Доближување на проблемот до локалното население со цел нивно информирање и добивање поддршка.
  • Организациите од целиот сектор можат да застанат зад одредена иницијатива или заложба и да ја поддржат со тоа ќе се придонесе кон поголема видливост.
  • Развој на „граѓанско новинарство“ каде граѓаните сами ќе известуваат за состојбите во јавноста.
  • Нема профилираност на новинарите, но треба да се воспостави личен контакт со уредникот и развој на соработката со нив (покана за настани и сл).
  • Активно учество- барање на совет и поддршка од меѓународни организации како Greenpeace.
Присутните организации изнесоа заклучок дека е потребно да се работи на зајакнување на капацитетите и на секторот животна средина каде имаме реален проблем со одредени сектори на пример „води“, каде нема интерес и/или стручност.
Беа дискутирани и проблемите во секторот по што присутните организации се согласија за 10 приоритети во секторот животна средина кои треба да бидат дискутирани со владините институции во земјата.
1. Аерозагадување
Реша проблемот со аерозагадување преку координирано работење на сите институции и примена на планови и мерки за управување со аерозагадувањето како и иновативни технологии.
2. Заштита на природата
Заштита на природните богатства на Р.М., воспоставување на Натура2000 мрежата и прогласување на Шар Планина и Јабланица за национални паркови како прв приоритет.
3. Природни ресурси
Стратешко планирање за соодветно и планско искористување на природните ресурси, вклучувајќи и прогласување на „Nо go“ зони за индустриски развој.
4. Вода
Правичен пристап до чиста вода и санитација вклучувајќи и справување со проблемот на прекумерна употреба на пестициди и загадување на водата. (менување на азбестните цевки)
5. Историско загадување
Решавање на проблемот со жешките точки кои се извор на загадување, отстранување на линданот од Охис, пепелта од РЕК Битола, јаловишта од рудниците и сл.
6. Природни езера
Превземање итни чекори за ревитализација на Охридското и Преспанското Езеро.
(Охридското и Преспанското езеро се највредната природа на државата.)
7. Заштита на шумите
Заштита и одржливо искористување на шумите и шумските богатства.
(ревизија на работата на шумската инспекција и шумската полиција, инвентаризација на шуми, унифициран третман за приватни и државни шуми.)
8. Зелени фондови
Воспоставување на фонд за животна средина и фонд за енергетска ефикасност.
9. Информирање
Подобрување на пристапот до информации, учество на јавноста и пристапот до правда при носењето одлуки за животната средина.
10. Вклученост
Вклучување на граѓанскиот сектор во работни групи и мониторинг комитети во МЖСПП за поголема транспарентност, отчетност и учество на јавноста.